Жанета Трајковска ги повика советниците во Општина Центар на лична одговорност за ДУП-от кај „Нова Македонија“
Граѓанската активистка Жанета Трајковска преку објава на социјалните мрежи упати апел до советниците на Општина Центар, кои денеска заедно со градоначалникот Горан Герасимовски треба да одлучуваат за деталниот урбанистички план на просторот кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Трајковска предупредува дека со планот се предвидува изградба на, како што наведува, „бетонско чудовиште“ од 25 ката со 10 ката подземен паркинг, и прашува дали ваквиот објект дополнително ќе го оптовари сообраќајот во овој дел од градот, особено на релацијата кон Клиничкиот центар.
„Нема колективен или партиски пристап. Сите овие луѓе имаат име и презиме и треба лично да застанат зад одлуката“, посочува Трајковска, додавајќи дека одговорноста не може да се крие зад партиски ставови.
Таа ги повикува граѓаните внимателно да ја следат одлуката на советниците, нагласувајќи дека секој глас има конкретна одговорност во донесувањето на урбанистичките решенија во општината.
Одлуката за ДУП-от предвиден на локацијата кај „Нова Македонија“ се очекува да биде донесена на денешната седница на Советот на Општина Центар.
