Жана Божиновска: Ова е историски договор
Ова е договор кој ги обедини властите од една страна и опозицијата од друга во двете земји. Секако дека не е идеален но е историски, вели новинарката Жана Божиновска, кој го следи процесот за решение меќу двете земји сите изминати години.
„Договорот ги обединува власта и опозицијата во двете земји - едните веднаш се пофалија дека постигнале успех и историски договор, другите го окарактеризираа како пораз и капитулација. Секако дека постигнатиот договор не е идеален, но е историски, ако ништо друго барем според она колку време траеше. А другото значење на „историски” допрва ќе треба да се анализира, затоа што ќе се види дали е ова максимумот што можеше да се извлече, дали навистина ги задоволува најважните национални интереси.
Но, факт е дека интеграцијата во ЕУ и во НАТО е императив, барем за мнозинството од граѓаните во Македонија, исто како што е факт дека без договор за името, таа интеграција останува далеку од дофатот. А, во право се оние кои велат дека изолацијата е страшна работа. Сепак, ќе треба да почекаме уште некое време да видиме дали и како сето напишано ќе се реализира. Во меѓувреме ќе ги слушаме аргументите на двете страни. Владите ќе зборуваат дека се зачувани најважните национални интереси, Грците-ерга омнес, нашата Влада- јазикот и националноста, ќе аргументираат дека не е премината црвената линија. Но дали ќе ги убедат граѓаните? За нив не се доволни пораките од меѓународната заедница дека договорот е фантастичен, историски, добар, како нив да им паднал камен од глава, Заев и неговите министри допрва треба да ги убедат дека нудат шанса, вели Божиновска
Додава само дека на прашањето дали можеше да се постигне подобар договор, одговорот е да, но во некое друго време во минатото. Тоа време, вели е неповратно загубено.
Фактор ќе објави мислења на повеќе јавни личности, професори, новинари, познавачи во однос на објавата на Владата, вчера, дека е постигнато решение за името и договор за спорот со Грција
