Жан Митрев смета дека Заев и Фиипче сакале да ја купат неговата болница
Сопственикот на приватната клиника синоќа во Вечерното шоу на ТВ Алфа потврди дека имало заинтересираност и обид од поранешните премиер и министер за здравство - Зоран Заев и од Венко Филипче да дојдат до сопствеништво во „Жан Митрев“.
- Да, имаше такви реални контакти. И на писмено, не само вака, гласеше потврдниот одговор од Жан Митрев во синоќешната емисија.
Набргу по овие наводи, актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, одржа вонредна прес-конференција на која остро реагираше, оценувајќи дека станува збор за „континуирана црна кампања и јавен линч“ насочени кон него. Тој ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека преку изјавите на Жан Митрев му се припишува рекет и обид за преземање на цела болница.
Филипче изјави дека ваквите напади ги надминале сите граници и најави покренување судска постапка против, како што рече, сите инволвирани – и нарачателите и извршителите. Воедно, тој јавно го повика Жан Митрев, доколку има какви било сознанија за кривично дело, да поднесе кривична пријава до обвинителството.
„Нека постапи институционално ако смее. Ако има нешто, нека се докаже пред обвинител и суд, а не преку медиумски настапи. Затоа што знаат дека ќе одговараат“, рече Филипче, обвинувајќи ја власта дека токму ваквите случаи се причина зошто, според него, не се спроведуваат суштински реформи во правосудството.
