ЗАМРЗНАТ ИМОТ, БЛОКИРАНИ СМЕТКИ: Сеад Кочан во бегство, бизнисот во немилост?!
По замрзнувањето на сметките на бизнисменот Сеад Кочан се отвораат низа дилеми. Дали се тоа сите фирми каде тој има сопственост, дали станува збор за замрзнување на имотот во смисла на тоа да не може да го продава, или се замрзнуваат и блокираат сите сметки на неговите компании.
Трансмет е најголемата компанија со која тој стопанисуваше. Во бизнис портфолиото е и ТВ НОВА. СЈО потврди дека побарале замрзнување на имотот и блокирање на сметките.
Судот го замрзнал имотот на бизнисменот Саед Кочан кој пак повеќе од два месеци е во бегство надвор од државата. Имотот е замрзнат на барање на Специјалното јаавно обвинителство, од каде за Фактор jа потврдија информацијата.
Според информациите, замрзнат е сиот движен и недвижен имот, како и сметките на неговите компании и личните сметки.
Против Сеад Кочан е отворена истрага за случајот со кодно име „Труст“, во кој е осомничен дека со неговата фирма Трансмет, преку лажни документи од државната компанија ЕЛЕМ успеал да добие тендер вреден 17 милиони евра. Во зделката биле вклучени и фирмите „Силекс Неметали СТ“ и „Вато“, кои исто така се дел од истарагата на СЈО.
Кочан стана недостапен за полицијата, само неколку часа пред да биде издадено решението за негов притвор, по што беше издадена и потерница за негово приведување. За цело време, адвокатот на Кочан, Никола Додевски – тврдеше дека бизнисменот е на службен пат.
Во случајот се вмеша и државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, кој побара од Врховниот суд да се укине притворот за Кочан, на што веднаш реагираа од Специјалното јавно обвинителство, со став дека обвинителството со кое раководи Зврлевски не може да постапува и да се меша во предмети кои се од надлежност на Специјалното јавно обвинителство.
Случајот го разгледа Врховниот суд, но сепак остана одлуката дека за Сеад Кочан е потребен притвор. Во меѓувреме вработените од неговите фирми за цело време протестираа пред институциите барајќи слобода за својот газда, а постојано беа и дел од протестите на движењето „За заедничка Македонија“.
Што работеше Кочан во Македонија?Од тендери за ископ на јаглен до тендeри за изградба на булевари, делници, чистење на канали, барокни фасади – компанијата „Трансмет“ чиј поранешен сопственик. Според податоците од Бирото за јавни набавки, најкрупните тендери се со РЕК Битола, односно за четири години, „Трансмет“ на Кочан кеширала околу 55 милиони евра од два тендера со РЕК Битола.
Кочан сега е газда и на телевизијата ТВ Нова. Неговото име беше споменувано и во „политичките бомби“ што ги објавуваше СДСМ. Во објавените снимки поранешниот премиер Никола Груевски го именуваше Кочан како „лицето што вози сеат“. Токму во еден од разговорите што го обелодени СДСМ се зборува за конзорциум што би требало да го формира лицето „Сеат Ибица“ . Во објавениот разговор меѓу поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски се спомнуваат директорите на повеќе градежни компании меѓу кои беа и „Трансмет“ и „Силекс“, кои заедно со фирмата „ВАТО“, сега СЈО ги товари дека со лажна документација исмпумпале 17 милиони евра од РЕК Битола.
Кочан е во бегство веќе втор месец, откако судот му одреди мерка притвор.
