Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗАМРЕНА ТРАДИЦИЈА ИЛИ НЕ: Дали испраќате и дали добивате честитки за Нова година?

ЗАМРЕНА ТРАДИЦИЈА ИЛИ НЕ: Дали испраќате и дали добивате честитки за Нова година?

Дел од граѓаните одамна не испраќаат честитки, затоа што Новата година ја честитаат телефонски, со испраќање на СМС пораки или преку социјалните мрежи, но има и обратни случаи, односно некои луѓе купуваат честитки, кои ги испраќаат по пошта или лично ги подаруваат на блиските. 

За многумина честитките будат носталгија. Оние кои денес купуваат честитки, велат дека сакаат да ги израдуваат децата и со овој мал гест, да придонесат за поубава празнична атмосфера, да покажат љубов и внимание. Други пак се скептични дека ако пратат честитка по пошта, таа ќе стигне со задоцнување на посакуваната адреса или може да се изгуби. Поединци испраќаат честитки на роднините во Европа.

„Јас праќам на најблиските. На оние кои ни се блиску, на децата, им ги оставаме честитките пред врата, а на оние кои се подалеку, им ги праќаме по пошта. Но, поретко праќаме по пошта. И постарите се радуваат на честитките. Купувам по 15 или 20 честитки, тоа е една убава традиција и убаво е да продолжи. А добивам и јас, од моите родители, од братот“, кажа Даниела Младеновиќ, граѓанка.

Но, има и луѓе кои долги години не испраќаат честитки.

„Јас немам кому да праќам и не праќам честитки. Последен пат лани добив честитка од близок, дома ми ја донесе и навистина буди убави чувства“, рече друга жена.

Некои луѓе со децении не добиле честитка.

„Ниту праќам, ниту добивам честитки. Последен пат пред 25 години добив честитка. Сега празниците ги честитаме електронски“, кажа Сузана Цветковиќ, граѓанка.

За разлика од порано, денес помал е бројот на тезги каде можеме да видиме дека се продаваат честитки. Најевтините чинат само 5 денари. Изборот е голем, има по триесетина различни видови честитки,  но продавачите објаснуваат дека денес продаваат двојно помалку честитки од порано.

„Не е како што беше порано, атмосферата не е иста. Ние самите си ја уништивме еуфоријата. Децата купуваат честитки за да ги поделат на другарите во училиштето, додека постарите ги купуваат поради носталгија. Најбарани се честитките со мотиви со Дедо Мраз. Сега продаваме по 200 до 300 честитки дневно, а порано продававме и по 500 или 1.000 честитки на ден“, објаснува продавач на честитки.

Во 2022 година од пошта ни потврдија дека во земјава се испратени над 100.000 честитки.

Во 2020 година се испратени 44.503, а во 2019 година 102.695 честитки. Пошта пред неколку години се потруди да го популаризира праќањето честитки со промотивни цени.

Традицијата на новогодишни и божиќни честитки потекнува од Англија. Се верува дека првата честитка ја насликал англискиот уметник Добсон во 1794 година. На картонска картичка тој насликал снежна шума и весело семејство под елка.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести