ЖАЛБИТЕ НА ОСУДЕНИТЕ ВО СЛУЧАЈОТ ТРАНСПОРТЕР СЕ НЕОСНОВАНИ - ние дури баравме и повисоки затворски казни, велат од Обвинителство
Не треба да се прифатат жалбите на обвинетите во Транспортер, од кои дел добија и затворски казни, смета Јавното обвинителство.
Оттаму, како што велат, Основниот кривичен суд Скопје веќе донел и пресуда, по што обвинетите поднесоа жалби.
„По донесување на Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот во јавноста познат како ‚Транспортер', поднесени се жалби од обвинетите и нивните бранители по сите жалбени основи. Тие бараат првостепената пресуда да се укине и предметот да се врати на повторно разгледување и одлучување. Јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје по извршениот увид во списите на предметот и сеопфатна анализа на доказите, до Апелациониот суд Скопје достави предлог во однос на поднесените жалби.
Имено, Вишото јавно обвинителство Скопје смета дека при донесување на пресудата, Основниот кривичен суд Скопје правилно ги утврдил околностите по однос на времето, местото и начинот на извршувањето на кривичните дела, меѓусебната комуникација на обвинетите, нивните врски, како и начинот на преземање на инкриминираните дејствија. Оттука, Вишото јавно обвинителство Скопје цени дека Судот правилно ги одмерил досудените казни ефективен затвор на обвинетите лица.
Истовремено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Жалба на донесената пресуда за обвинетите, барајќи од надлежниот суд на лицата на кои им е изречена ефективна казна затвор да им изрече повисоки казни, а на оние обвинети на кои со пресудата им се изречени алтернативни мерки, односно условни осуди, надлежниот суд да им изрече соодветни затворски казни. Воедно, обвинителството со Жалбата му предлага на судот немасто конфискувана имотна корист во износ од 695.611 денари од едно од правните лица, да се конфискува имотна корист во износ од 857.637 денари.
Вишото јавно обвинителство Скопје по целосно разгледување на предметот делумно ја уважи Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Повисокото обвинителство ја прифати жалбата во делот на обвинети кои се осудени како соизвршители, со оглед на тоа што без нивните дејствија не би можело да се исполнат обележјата на кривичното дело што им се става на товар на обвинетите, ниту пак превозниците би прибавиле противправна имотна корист. Жалбата е прифатена и во делот изречената казна под законскиот минимум за дел од превозниците. Исто така Вишото јавно обвинителство Скопје ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во делот на конфискуваната имотна корист, сметајќи дека во пресудата износот на конфискуваната имотна корист треба да биде 857.637 денари.
Вишото јавно обвинителство Скопје не ги прифати поднесените жалбени наводи на Основното јавно обвинителство за гонење на органзииран криминал и корупција кои се однесуваа на барање за зголемување на висината на изречените казни ефективен затвор на останатите обвинети“, се вели во соопштението од обвинителството.
Во овој случлај, како што е познато, поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески од ВМРО-ДПМНЕ, доби затворска казна во траење од осум години.
