Законското решение за правосуден испит на албански јазик ќе оди во Венецијанската комисија
Законското решение поврзано со можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик ќе биде испратено на мислење до Венецијанската комисија, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање за договорот со ВЛЕН околу ова прашање, по протестите на студентите Албанци кои бараат да им се овозможи полагање на правосудниот испит и на албански јазик.
„Ги поддржувам протестите како граѓанско право во демократска држава. Секое решение како закон ќе биде испратено до Венецијанската комисија“, изјави Мицкоски.
Премиерот рече дека нема да ги коментира инцидентите и другите случувања поврзани со протестите, посочувајќи дека институционалната постапка ќе продолжи преку законско решение и мислење од Венецијанската комисија.
Претходно, повеќе медиуми објавија дека студентите Албанци повторно протестирале со барање правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Според најавите, Владата работи на законско решение кое би ја уредило оваа можност.
