Економија, финансии, бизнис

Контакт

Законскиот рок измина, нема реакција од ниту една институција за хотелот на Мијалков во Охрид

Законскиот рок измина, нема реакција од ниту една институција за хотелот на Мијалков во Охрид

Прекршувајќи го и Законот за постапување по претставки и предлози, по претставката со која 25 граѓански организации побараа од премиерот, владата и градоначалникот на Охрид итно  спроведување на законите и отстранување на хотелот во Горица – не постапи ниту еден од одговорните.

На ридот во Горица, на местото на некогашната борова шума макотрпно посадена од локалното население во шеесеттите години на минатиот век, забрзано се гради хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп - со незаконско одобрение за градба, издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без одобрен елаборат; и покрај фактот дека во Планот за управување со светското наследство е посочен како закана; со целосно игнорирање на одлуката на Комитетот за светско наследство, со која уште пред да почне градбата УНЕСКО побара стопирање на активностите и одлуката на Бернската конвенција, со особена загриженост за овој проект; врз основа на урбанистички план кој општината беше должна да го измени. 

„Долгата листа на прекршувања на Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот, деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози, од страна на Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на Општина Охрид. Имено, ниту една од овие институции не постапи во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување. Од Кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследија до Општина Охрид.  И премиерот и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добија молк. 

Не изреагираа ниту пратениците, ниту вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои добија копија од претставката. Случајот уште во март беше поднесен и до Државната Комисија за спречување на корупцијата – до сега и од таму нема никаква одлука“, гласи реакцијата од екоактивистите која интегрално ја објавуваме.


Слично

Поврзани вести