Законот за попис експресно го мина првиот собраниски филтер
Законот за попис кој се носи по брза постапка експресно помина на Собраниската Комисија за европски прашања денеска во прво читање со десет гласа за и ниту еден против и воздржан, иако за него можеше да се дебатира три дена.
Законот кој се носи со европско знаменце сега преминува во натамошна собраниска процедура како Предлог-закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, согласно кој треба да се овозможи одржување на оваа статистичка операција наредната година.
Истиот беше едногласно поддржан од пратениците-членови на Комисијата од опозицијата, кои се согласија дека има потреба од донесување вакво законско решение, но искажаа повеќе забелешки на предлогот и најавија амандмни за подобрување на текстот на законот за, како што велат, да не трпи политичко влијание.
Последниот попис во Македонија е спроведен пред дваесеттина години, а планираниот треба да се одржи в година на пролет. Опозицијата забележува дека пописот треба да го опфати само резидентното население според меѓународните стандарди. За опозициските пратеници сепак спорен е членот 8 кој овозможува попишување на лица на привремена работа и престој во странство и тоа преку електронска апликација.
Законот пред пратениците го образложи заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Тој појасни дека во рамки на оваа статистичка операција ќе можат да се попишат државјани на Република Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без разлика дали во моментот на пописот се наоѓаат во државата или во странство.
Предвидено е за лицата-државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2020 година на посебна апликација која е достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика.
Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.
