Законот за локална самоуправа не е променет, советите на мнозинската опозиција не мора да користи „Северна Македонија“
Советите на општините каде што парламентарната опозиција има мнозинство не мора да го користи задолжително уставното име, бидејќи Законот за локална самоуправа каде што треба во иднина да стои „Северна Македонија“ се уште не е променет.
Ова синоќа за „Телма“ го потврди и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој сепак побара новите советници во општините да го почитуваат Уставот како највисок правен акт и во свечените изјави односно заклетвите да стои уставното име Република Северна Македонија.
- И во тие заклетви тие кажуваат дека ќе се водат и ќе работат согласно Уставот и законите, а во овој случај тие уште непочнати да работат го кршат Уставот и тоа не е добро. Јас можам да ги охрабрам и понатаму ако сакаат нека си работат вака, меѓутоа паушалот што ќе го добијат од Северна Македонија нека го враќаат, ако се толку доследни и сакаат нешто да прават еве нека ги враќаат паушалите бидејќи не им идат од Република Македонија туку од Северна Македонија, рече Милевски.
Свечена изјава со името „Република Македонија“ советниците на опозицијата потпишаа во Советот на Општина Штип и Советот на Општина Аеродром.