Економија, финансии, бизнис

Контакт

Законот за личните карти ќе предизвика етничка дискриминација, Левица бара јавна расправа во Парламентот

Законот за личните карти ќе предизвика етничка дискриминација, Левица бара јавна расправа во Парламентот

Јавна расправа и дискусија за Предлог-законот за личната карта бара Левица во Парламентот. Пратениците од партијата Димитар Апасиев и Борислав Крмов денеска до претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците - Соња Мираковска, како и до претседателот на Собранието - Талат Џафери, поднеле писмено Барање за одржување на ваква расправа за како што велат, сензитивниот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта - по скратена постапка, поднесена од пратениците на Беса и АА.


„Како единствени пратеници во Собранието кои со поднесување амандмани на овој контроверзен закон го стопиравме процесот на негово донесување, сметаме дека итна јавна расправа е неминовна. Во спротивно, овој закон се заканува да предизвика етничка дискриминација, поткопувајќи го уставниот концепт на Републиката, стои во објавата.

Додаваат дека на расправата треба да бидат поканети претставници на невладини организации, кои се занимаваат со човекови права, стручњаци од пракса, професори по меѓународно право за правата на човекот, граѓански активисти, експерти и други општествени чинители. 

Инаку денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференција во Владата рече дека регулативата на ЕУ забранува процесуирање на лични податоци за етнички, политички и други верувања во личните документи. Таквата практика, според него, е дел од европска регулатива, посочувајќи дека е добро што Македонија работи на тоа да ги прилагоди своите стандарди со тие на Унијата бидејќи, кога ќе почнат преговорите, овие прашања се првите што ќе се дискутираат.   

„Ова прашање за усогласеноста на правниот систем тука со тој во ЕУ е многу важно. Северна Македонија има добар прогрес во усогласувањето на нејзиниот правен систем со правилата и стандардите на ЕУ. Ја охрабрувам земјата да продолжи да така, бидејќи ова ќе бидат првите области што ќе се оценуваат кога ќе почнат преговорите со Унијата. Генералната регулатива на ЕУ за заштита на личните податоците забранува процесуирање на лични податоци кои откриваат расно, политичко, етничко, религиско и друго уверување, како и сексуална ориентација и одреден број други прашања. Личните карти во ЕУ сѐ уште се под националните закони, но регулативата што ја споменав и која ги содржи првите правила за личните карти влегува во примена во август оваа година“, рече Гир. 


Слично

Поврзани вести