Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗАКОН ЗА КОНФИСКАЦИЈА: Државниот правобранител ќе биде „извршител“ за корумпираните политичари и бизнисмени

ЗАКОН ЗА КОНФИСКАЦИЈА: Државниот правобранител ќе биде „извршител“ за корумпираните политичари и бизнисмени

Државното правобранителство ќе биде задолжено да конфискува од актуелни и поранешни функционери, како и од сите други граѓани, кои се стекнале незаконски со имот во вредност од над 50.000 евра.

Ова е утврдено во Законот за конфискација на имот во законска постапка, кој за прв пат е објавен во националниот регистар на прописи, а долго време се најавуваше од власта. Претходниот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски го најавуваше како „Закон за потекло на имот“, а во некои прилики и како „Закон против мафијата“.

Ќе се конфискува имот на кое било лице кое нема да докаже дека имотот му е стекнат законски, односно ако се утврди дека тоа лице не остварувало доволно приходи за да се стекне со новите материјални средства. Ќе може да се одземе дури и наследениот имот ако не се докаже дека е чесно стекнат.

- „Имот“ во смисла на овој закон се пари или други средства за плаќање, хартии од вредност, депозити, концесии, друг имот во материјален или нематеријален облик, вклучително и виртуелни средства согласно закон, подвижен или недвижен имот и стварните права кои се поврзани со него, побарувања, како и друг тип на документи и инструменти кои се доказ за имотни права и правни интереси, пишува во еден од членовите.

Јавниот обвинител и Управата за финансиска полиција ќе може да се потпрат само на „разумно сомневање“ во проценката дека некој има нелегално стекнат имот. Методологијата за проценка колку вреди имотот и дали можел да се купи чесно ќе ја направи Министерството за финансии.

„Финансиска полиција“ ќе ги собира податоците за имотот од сите релевантни институции и сведоци не подолго од 60 дена, а Државниот правобранител, кој ќе биде тужител, потоа треба да го обезбедува имотот со мерки и да наплати од нелегално стекнатиот дел. 

Државното правобранителство инаку е институција која го чува државниот имот на чело со Државен правобранител и околу 50-тина правобранители на ниво на цела земја, заедно со уште стотина вработени административци, но во изминатиот период не се прослави којзнае колку, особено откако излезе аферата дека имотот на „Трансмет“ во случајот „Труст“ не може да биде конфискуван.

На законското решение работеа кабинетот на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Управниот суд, Државното правобранителство. Во работната група има претставник и од академската заедница, како и претставници на невладиниот сектор, односно од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството.

Закон за потекло на имот сè уште не донесен во земјава, иако повеќе институции досега го бараа, во прв ред Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Потребата од вакво законско решение ја нагласи и шефот на државата Стево Пендаровски.

А.К.


Слично

Поврзани вести