ЗАКАЖАНИ САМО 13 ПРОЦЕНТИ ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ ПРЕГЛЕДИ – ревизорите со бројни забелешки за Клиниката за неврологија
Значително помал број на прегледи се закажани на Клиниката за неврологија наспроти бројот на термини кои се предвидени со „Мој Термин“. Неправилности во ангажирањето на кадар, како медицински така и шалтерски кадар, но и неправилности во управувањето со лековите кои клиниката ги добивала како донации утврди Државниот завод за ревизија.
- Со извршениот увид во податоците генерирани во Мој Термин за извршените здравствени услуги со користење на медицинска опрема утврдивме дека во текот на 2023 година биле закажани и реализрани 2.732 термини, што претставува 13 проценти од задолжителните прегледи кои Клиниката имала обврска да ги закаже, согласно Правилник – посочуваат ревизорите.
Тие во последниот извештај објавен на нивната веб страна потенцираат дека и Министерството за здравство во текот на 2023 година извршило контрола на упатувањето на пациенти и на електронската листа на закажани прегледи и интервенции за користење на здравствените услуги, при што била потврдена состојбата која и ревизорите ја пронашле.
- Од одговорните лица на Клиниката, добивме образложение дека ваквата состојба е резултат на специфицната дејност на клиниката која во најголем дел врши итни прегледи или прегледи без термин. Утврдената состојба не е во согласност со наведениот Правилник и влијае и на начелот за достапност на здравствените услуги, што е уредено со Законот за здравствена заштита – укажуваат ревизорите и препорачуваат одговорното лице на Клиниката да преземе активности за организација на медицинската дејност во насока на овозможување на соодветен број термини за вршење на здравестените услуги во системот Мој Термн.
ЕКСКЛУЗИВЕН ЗАСТАПНИК КАЈ ЈАВНИТЕ НАБАВКИ
Ревизорите извршиле увиди и во постапките за јавни набавки спроведени 2022 и 2023 година, при што утврдиле дека има недоследности при почитување на Законот за јавни набавки.
- Клиниката има востановена пракса во техничките спецификации да се посочуваат реагенси за конкретни апарати со затворени системи кои можат да користат реагенси и потрошен материјал кои ги обезбедува економскиот оператор кој е ексклузивен застапник за стоките предмет на набавка, поради што е поднесена само една понуда, што не е во согласност со Законот за јавни набавки.
Воспоставениот начин на спроведување на набваките не овозможува конкуренција и еднаков третман на операторите како и ефикасно искористување на средствата во постапките, ниту е во согласност со Законот за јавни набавки – напоменуваат ревизорите, поради што потенцираат дека е потребно почитување на законите.
Но, ова не се единствените забелешки на Заводот за ревизија, од каде реагираат и на начинот на ангажирање на кадар во клиниката.
Имено, утврдено е дека во текот на 2023 година, поради недостиг на кадар, Клиниката ангажирала 15 до 25 лица месечно, најмногу шалтерски работници, медицински сестри и болничари со договор на дело, по кој основ се исплатени 2.134 илјади денари.
- Со увидот констатирано е дека првите седум месеци договорите се склучени преку ЈУ за заеднички работи, а Клиниката нема доставено барање за согласност од Министерство за финансии. За останатите пет месеци договорите се склучени директно со Клиниката, за што е доставено барање до Министерството но не е добиле согласност – се наведува во извештајот.
Ревизорите имаат забелешки и за примените и потроштените лекови за ретки болести, но и за лекови од донации кои не се евидентирани во официјалните книги на болницата. Исто така утврдиле и слабости во планирањето и реализацијата на средствата од условен надоместок за набавка на имуномодулаторна терапија.
Имено, ревизорите укажуваат дека за набавката на лекови од имуномодуларната терапија одлучувале директорите, наместо стручниот колегиум на Универзитетската клиника.
- Оваа состојба создава ризик од нетранспарентно определување на лекови за кои се бара и одобрува условен надоместок, без да се базира на стручна анализа и предлози - стои во Ревизорскиот извештај за работата на Клиниката за неврологија во 2023 година .
Министерството за здравство минатата година одобрило 165 милиони денари, односно скоро 2,7 милиони евра за вакви лекови.
Ревизорите изразиле неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Клиниката и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со законите.
П.О.
Фото: Фактор/Архива
