ЗАХАРОВА ЗА ИЗЈАВИТЕ НА ЗАЕВ: Tоа e манична конструкција и обид за саможртвувачка реклама
Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија денеска рече дека изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев дека наводно Русија подготвува негова ликвидација се неосновани инсинуации и обид за самореклама.
Захарова за Спутник изјавила дека таквите изјави служеле единствено како покритие за забрзано внесување на балканската земја во северноатлантскиот пакт.
„Сметаме дека не само што таквата изјава претставува неоснована инсинуација, дури и некаква манична конструкција туку во принцип личи и на некaков обид за саможртвувачка реклама. Најважно е што таквите изјави им наштетуваат на руско македонските односи и очигледно се разликуваат од декларираната подготвеност на Скопје да гради конструктивна соработка со нашата земја“ - вели Захарова.
Премиерот Зоран Заев во интервју за црногорското радио Антена М деновиве изјави дека Македонија нема друга алтернатива освен влез во НАТО за што според него ќе има жестока реакција на Русија, како што беше и со влезот на Црна Гора во НАТО.
Тој рече дека имал информации од аналитичари дека му се подготвува ликвидација.
