Економија, финансии, бизнис

Контакт

Захарова: Руското МНР ја повикува Македонија да појасни дали зборовите на Шеќеринска, кои ги објави „Блумберг“ се вистинити

Захарова: Руското МНР ја повикува Македонија да појасни дали зборовите на Шеќеринска, кои ги објави „Блумберг“ се вистинити

Обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, по повод интервјуто на македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска за агенцијата „Блумберг“.

Таа истакна дека руското МНР ја повикува Македонија да појасни дали зборовите на Шеќеринска, кои ги објави „Блумберг“ се вистинити, имајќи предвид дека досега никој тоа не го демантирал.

Захарова, како што пишува „Спутник“, изјави дека таквите изјави се во спротивност со ставот на официјално Скопје и на настојувањата на македонските власти за развој на конструктивни односи со Русија и јакнење на билатералната соработка. Таа вели дека таквите обвиненија доаѓаат од русофоби кои во јавноста пласираат лажни и неосновани тврдења.

„Имајќи предвид дека претходна жртва на „Блумберг“ неодамна беше и српската премиерка Ана Брнабиќ, ја повикуваме Агенцијата да го објави целиот текст од интервјуто, како и аудио и видео снимката од разговорот со Шеќеринска“ – изјавила Захарова. 

Таа додава дека во тие инсинуации гледаат обиди на непријателите на Русија и Македонија дополнително да ги искомплицират традиционално пријателските односи меѓу земјите.

„Се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста од реалните закани, кога станува збор за суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, посебно со вовлекување на земјите во НАТО, не земајќи ги предвид националните интереси“ – вели Захарова.

„Блумберг“ неодамна објави интервју со Шеќеринска, во кое таа рече дека новата влада ги зајакнува напорите за влез на Македонија во НАТО, тврдејќи дека членството во воената алијанса ќе ја заштити земјата од руското мешање.

Слично

Поврзани вести