ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОДАТОК: Околу 70 отсто од младите на Западен Балкан би размислиле за иселување
Младите на
Западен Балкан се околу 21 отсто од населението. Околу 35 отсто е стапката на
невработеност на младите во регионот, а времето за чекање по завршеното
образование, во просек изнесува 2 години. Од младите на Западен Балкан, 71
отсто би размислиле да го напуштат регионот и да работат во странство – изјави
денеска Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС)
Мајлинда Брегу.
Поради тие причини, РСС верува дека наместо „создавање на политики за млади, треба заеднички да се работи на политики со младите“, односно нивно активно вклучување во дијалогот со носителите на политиките, рече Брегу зборувајќи на он-лајн работилница поврзана со првата тематска Регионална младинска лабораторија.
Работилницата ќе трае два дена, посветена е на политиките на вработување во земјите од Западен Балкан и клучно е, што за тие политики разговараат претставници на младите од шесте земји со носители на политики. На состанокот се присутни и претставници од Европската комисија, донаторска заедница и медиуми.
Проектот кој беше потврден како корисен и на последниот самит на земјите од Западен Балкан во Софија годинава, го спроведува РСС со помош на Европската комисија, соопшти РСС.
