Економија, финансии, бизнис

Контакт

Загрижувачки бројки за уплатата на придонесите: Скоро 50.000 вработени се без здравствено осигурување

Загрижувачки бројки за уплатата на придонесите: Скоро 50.000 вработени се без здравствено осигурување

Безмалку 50.000 лица во моментов немаат здравствено осигурување бидејќи работодавачите им доцнат со исплата на платите. Поради заснованиот работен однос тие не можат да се пријават и како невработени па да имаат право на здравствено осигурување.

Но не се само тие – проблемите со доцнењето на платите ги погодува и нивните блиски односно децата кои се осигурани преку нив, па дополнително уште над 23 илјади луѓе не можат да се лекуваат на трошок на ФЗОМ .

Инаку, во земјава во моментов како вработени се водат 790.000 лица што значи дека над шест отсто од нив и немаат здравствено осигурување. Бројките се од ФЗОМ, но оттаму не објавуваат детали по колку време овие луѓе немаат осигурување. Велат дека сепак сите може да се лекуваат и да платат, а после Фондот ќе им ги рефундира средствата кога платата ќе биде исплатена.

„Кога  ќе бидат платени придонесите за периодот кога е извршено лекувањето,  со целата медицинска и финансиска документација, издадена од  установата каде што се лекувал, осигуреникот оди во подрачната служба преку која е осигурен и поднесува барање за  рефундација на  средствата што ги платил за лекувањето. Правото на рефундација е 5 години од моментот на извршената услуга, стои во одговорот од Фондот.

Инаку ФЗОМ не води евиденција колку од овие вработени се од приватни, а колку од државни фирми.

Неодамна беше обелоденето дека над 350 вработени во државното претпријатие Водостопанство на Македонија се без здравствено осигурување, затоа што не земале и плата за два месеци.

Санкции за нередовната исплата на плата со придонеси одредува Управата за јавни приходи, институција која треба да ги блокира неплаќачите.

Н.М.

Слично

Поврзани вести