Загина работник на „Комуналец“ Гостивар, се заглавил во канал
Шеесет и четиригодишен вработен во ЈП „Комуналец“ Гостивар загинал при чистење на одводни канали во атарот на селото Горно Јеловце, соопшти СВР Тетово. Според информациите, тој се заглавил во еден од каналите.
„На 15 јуни во 12:47 часот било пријавено дека во канал за вода се наоѓа починато лице. Полициски службеници веднаш излегле на местото и утврдиле дека станува збор за Н.М. (64) од селото Дебреше, вработен во ЈП „Комуналец“ Гостивар. Според првичните информации, тој заедно со свои колеги дошол да го исчисти каналот на локација каде што имало одводни канали за прибирање на проточни води. Во текот на работата, се заглавил во еден од каналите“ соопштија од тетовската полиција.
Од каналот бил извлечен од екипа на Територијалната противпожарна единица Гостивар, но лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
На местото на настанот излегол и трудов инспектор, а увид извршиле екипа од ОВР Гостивар и јавен обвинител. По наредба на обвинителот, телото на починатиот е предадено на обдукција, додека надлежните институции продолжуваат со утврдување на сите околности поврзани со случајот.
