Загадувањето како закана за националната безбедност - И денес ќе се маршира за чист воздух
Денес од 17 часот повторно ќе се маршира за чист воздух во обид темата за загадување да добие системски пристап на решавање на проблемите наместо декларативни заложби дека ќе се подобрат состојбите.
Според Friday for Future, широкиот граѓански фронт за борба со загадување, проблемот со воздухот во Скопје и загадените градови предизвикува огромни последици врз здравјето на луѓето. Статистиките велат дека 17 илјади граѓани починале во изминатите 5 години како директна последица на отровниот и штетен воздух. Поттикнати од пркосот на младите, пред се на средношколците и овој пат е упатен повик до нив да не ја бојкотираат наставата во текот на денот, туку само кога ќе започне маршот да присуствуваат.
Еко организациите се обврзаа и дека ќе остварат средби со младите со цел да ги едуцираат за последиците од загадувањето и за климатските промени. Потребно е да се пренесе знаењето кај најмладите со цел нивните заложби да бидат насочени во правилна насока како идни општествени лидери.
„Сакаме да нагласиме дека не поддржуваме никакви други активности надвор од оваа програма, и се оградуваме од било какви злоупотреби на еколошката кауза за лични или партиски цели. Затоа ги повикуваме средношколците да го канализираат нивниот револт исклучиво преку протестниот концепт на Fridays For Future и да ги следат насоките од нашите профили на социјалните мрежи. Нашето барање е едноставно исполнување на листата на барања на коалицијата Зелен Фронт, за да можеме да продолжиме со образованието како што доликува на свесна и прогресивна младина! Воедно, ги повикуваме граѓаните од сите возрасти, верски, етнички и партиски припадности да ни се придружат на предновогодишниот Марш за воздух, и да им помогнат на нивните деца во оваа битка“ порачаа од Fridays For Future.
Во меѓувреме продолжуваат и обидите за институционални заложби за решавање на проблемите со загадувањето и нарушувањето на животната средина. Здружените граѓански организации и невладините еко здруженија сметаат дека првата седница на Советот за безбедност која ја свика претседателот Пендаровски на тема загадување на животната средина не донела никакви заклучоци од кои ќе произлезат конкретни насоки за мерки кои треба да преземат институциите.
„Главната идеја на претседателот Пендаровски при ставање на темата на загадување на животната средина на Советот за безбедност била кревање на јавната свест, при тоа потенцирајќи ја на советодавната улога на ова тело. На вториот дел од седницата посветен на единствена тема: справување со загадувањето, на наше изненадување, не беа донесени заклучоци кои ќе ги забрзаат позитивните трендови и дадат насоки на делување на оние тела во државата кои носат одлуки. Нашата главна идеја е поставување на загадувањето, деградацијата и уништувањето на животната средина, заедно со ефектот на климатските промени како закана и ризик по националната безбедност“, е еден од главните императиви на О2 Иницијатива.
Тие го потсетуваат претседателот Пендаровски дека во текот на изборната кампања презеде обврски потпишувајќи ја Зелената заклетва и дека ветувањата мора да ги исполни.
„Очекуваме во најбрз рок претседателот Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност каде прашањево ќе се третира како закана и ризик по националната безбедност. Очекуваме да бидат повикани експерти кои најдобро го познаваат проблемот, а не политички претставници. Очекуваме експерти да ја презентираат сегашната алармантна состојба и системските слабости, на седницата да бидат изнесени информации за илегални активности во оваа област кои ги поседуваат службите, вклучително и информации кои ги поседува италијанскиот национален обвинител за борба против мафијата и тероризмот, Федерико Кафиеро Де Рахо. Да се предложи надминување на овој национален безбедносен проблем со ангажирање на сите потребни ресурси, и да се донесат заклучоци кои ќе дадат насоки на делување на државните органи кои носат одлуки и ќе ги забрзаат позитивните трендови за решавањето на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина. На овој начин очекуваме да се намалат жртвите од загадувањето во најкраток можен рок“, велат од О2 Иницијатива.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање досега излегоа со нивна презентација на бројот на денови кога била надмината дозволената граница на штетни честички во воздухот и дека тие се намалени во споредба со претходните години. Потоа следува критики од граѓанските активисти дека бројките всушност не се точни.
Х.С.
Фото: Фејсбук- Fridays For Future Skopje
