Загадувањето итно да се стави на седница, бара ВМРО-ДПМНЕ
Поради алармантната ситуација во која се наоѓа Република Македонија во однос на загадувањето на амбиентниот воздух во градовите, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе информација за енормното загадување.
Бара да се стави на дневен ред и да се разгледува на утрешната седница.
„И бараме од господинот Талат Џафери истата информација да ја стави на дневен ред на утрешната седница. И поради алармантноста на ситуацијата во однос на загадувањето на воздухот истата да биде разгледана и по неа дискутирано во текот на утрешната седница. Оваа точка бараме да се стави како прва точка на дневен ред на утрешната пленарна седница. Ова господинот Талат Џафери е обврзан според Деловникот на Собранието на Република Македонија. И тоа членот 69 став 3 од Деловникот“, рече пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ
Ставот 3 од членот 69 гласи дека „претседателот на Собранието е должен на секоја втора редовна седница да внесе една точка по предлогот на дневниот ред за седницата на Собранието по предлог на пратениците од опозицијата која ги исполнува условите утврдени со овој Деловник“, нагласи Данев.
Оваа информација, според пратеникот, ги исполнува сите услови и тие уште еднаш го повикуваат Џафери да ја предложи како прва точка на дневниот ред на утрешната седница.
