Загаденоста пак алармантна, ама заштитните мерки не се враќаат
Иако загаденоста на воздухот во Скопје и во неколку други градови повторно е голема, Владата нема да ги врати на сила мерките за заштита од загадувањето, одлучило надлежното координативното тело на денешната редовна седница на Владата.
Министерството за животна средина ја запознало Владата за состојбата со воздухот, но не побарало повторно да се воспостават мерки. Тоа значи дека засега, надлежните институции само им препорачуваат на граѓаните да не излегуваат без потреба и да не ги проветруваат своите домови.
Мерните станици во Центар, Лисиче, кај Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, но и во Тетово и Кичево денеска покажаа зголемено ниво на штетните честички ПМ10 во воздухот. Градот Скопје тврди дека ги презема сите мерки за намалување на загаденоста, а казнети се и две фирми кои ги немале потребните еколошки стандарди и го загадувале воздухот.
Кон крајот на декември, заради загаденоста на воздухот, Владата усвои итни мерки: бремените жени, лицата над 60 години и астматичарите во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион беа ослободени од работа, а се препорачуваше и работниците кои работат на отворено тоа да не го прават од 11 до 17 часот. Се пренасочуваше сообраќајот на товарните возила, а на градинките, основните и средните училишта им се препорачуваше да не изведуваат активности на отворено.
Слично
