Заева потресно раскажува: Се надевав и се молев да е жив
Зорица Заева, потресно раскажува за случувањата на 27 април минатата година.
Се надевав дека тие рани што ги видов на тв-снимките не се толку страшни. Се надевав и се молев да е жив, раскажува за па Зорица, сопруга на премиерот Заев
Сликите од насилството во македонскиот парламент на 27-ми април 2017 година, кои беа кулминација на политичката криза, лани го обиколија светот. Особено снимката од раскрвавената глава на тогашниот лидер на СДСМ, а денес премиер, Зоран Заев. Тој и неговите партиски колеги кои беа мета на брутално насилство, досега многупати зборуваа за овој настан, особено за начинот на кој го избегнаа најстрашниот епилог. Она што остана во сенка на крвавиот пир, е како во тие моменти се чувствувале нивните најблиски. Семејството на премиерот Заев, неговата сопруга Зорица и неговиот татко Панче, за Дојче веле ги споделија нивните чувства во најтешките моменти од најдолгата и неизвесна ноќ минатата година.
„На телефон ми се јави пријателка, и ме праша дали гледам телевизија. Буквално во истиот момент вознемирана дотрча и свекрва ми, и ме праша дали знам што се случува во параламентот, бидејќи нешто слушнала на вести. Му заѕвонив на сопругот. Се слушаше врева, ми рече дека е во ‘гужва’, но линијата одеднаш се прекина и повеќе не успеав го добијам на телефон“, се потсетува Зорица Заева (42).
Од тој момент почнуваат неизвесноста и тешките мигови во семејството. А само еден вечер претходно атмосферата била сосема поинаква: го славеле 16-иот роденден на ќерката Александра. Но, ден потоа, кога во попладневните часови роднини и пријатели почнуваат постојано да им ѕвонат и да ги прашуваат „што се случува во парламентот, како е Зоки?“, веста за насилството во Собранието не можела да биде сокриена од ќерката Александра и нејзиниот 13-годишен брат Душко.
Во тоа време телевизиите веќе објавуваат бројни снимки кои сведочат дека насилството ескалира, а во еден момент го прикажуваат и Зоран Заев со раскрварено чело и крвава кошула.
„Тоа беше шок. Александра многу се вознемири, но се обидуваше да не го покаже тоа пред Душко. Тоа не помогна. Тој беше многу потресен, се расплака…“, се потсетува Зорица.
