Заев: Жените мора да ги добијат правата што им следуваат по Устав и закон
Зоран Заев, претседател на СДСМ и актуелен премиер, на партискиот осмомартовски марш во организација на Форумот на жени посочи дека Македонија мора да биде општество во кое жените ќе имаат рамноправна и значајна улога.
„Кога во нешто силно се верува, тоа се остварува. Создадовме едно цело, сите, и жени и мажи, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, други – едно општество за сите. Општество на кое му се потребни различностите, затоа што такво е успешно, така може да се надминува и развива себеси.
Жените се неопходни во сите процеси што ги отворивме во општеството, и како наставнички и како негувателки и професорки, и како лекарки и како медицински сестри, и како работнички и како бизнисменки, и како земјоделки, и како судијки, и како новинарки, и како градоначалнички, и како министерки, и како домаќинки, и како ангажирани во јавниот и општествен живот, затоа што основната клетка на едно општество е семејството“ рече во обраќањето претседателот Заев.
Тој повика на заедништво и на надминувањето на предрасудите околу статусот и улогата на жената во општеството.
