Заев: Зекири бил на ифтар кај брат му, продолжуваме да се сретнуваме со граѓаните на терен
Зоран Заев, претседателот на СДСМ, на прес-конференција изјави дека партискиот потпретседател Мухамед Зекири заболел од корона вирусот додека бил на ифтар кај својот брат. Истовремено потврди дека и техничкиот премиер Оливер Спасовски се тестирал и дека се очекуваат резултатите.
Сепак Заев, вели дека СДСМ ја продолжува пред-кампањата за парламентарните избори за кои лидерот на владеачката партија вели дека се дефинирани на 5 јули. Носителите на пратеничките листи од шесте изборни единици веќе се сретнуваат со граѓани на терен.
- Дури и вчера и минатиот викенд кога СДСМ беше на терен, сето тоа се одржуваше во рамки на протоколите и држењето на дистанца и заштитни маски и опреми. Со тоа сакаме да испратиме порака, кога и да дојде кампањата, доминантно ќе се води преку социјалните мрежи и модерните технологија. Но дури и кога ќе излеземе на терен, тоа е возможно со почитување на своето здравје и здравјето на соговорниците. Изборите за мене повеќе не се тема, тие се дефинирани по Устав и по Закон. Направивме отстапка, испративме порака, повелете - час поскоро да ги одржиме изборите, повика Заев.
