Заев за Законот за земјоделско земјиште: Секоја педа обработливо земјиште ја ставаме во функција за економски развој
Премиерот Зоран Заев за Законот за земјоделско земјиште вели дека секоја педа обработливо земјиште ја ставаат во функција на ресурс за економски развој, а земјоделецот добива повеќе, ништо не губи.
Тој на седницата за пратенички прашања во Собранието објасни кои се придобивките за економијата и за земјоделците. Кажа дека во државата има расположливи 240 илјади хектари, а во функција се само 130 илјади хектари земјоделско земјиште, дека земјиштето е запуштено, необработено, неискористено.
„Со новиот Закон дефинитивно ние го штитиме земјоделското земјиште од секаков вид на недоречености или злоупотреби евентуални при управувањето на администрацијата со менаџментот на земјоделското земјиште. Ниту еден земјоделец нема да изгуби земјоделско земјиште кое што го користи од државата. Ако сака да го купи, ќе може да го купи, ако не сака да го купи може да продолжи да го користи на концесија. Не може државата да му наметне како сака, не може да биде на друг дадено, заради што е кај него на користење. Со овој Закон му даваме можност за развој на земјоделството, затоа што нема банка, на индивидуален земјоделец или на правен субјект, да му даде соодветно кредитно покритие за развој на самите земјоделски површини или земјоделско производство. Затоа денеска сè уште е неокрупнето земјоделското земјиште во државата. Затоа нашиот земјоделец работи на еден декар и прави ненормално повисоки трошоци отколку што прави земјоделецот дури и во соседните земји, да не зборувам во Шпанија, Турција, Италија“, објасни Заев.
Вели дека Законот за продажба на земјоделско земјиште е донесен 2013 година, од претходната власт, но дека не е ставен во функција заради тоа што немало решение кој може да го купи и на кој начин закупецот кој долги години го користел би бил оштетен и како тоа би било надоместено.
Од Граѓански фронт организираа протест и велат дека новиот закон за распродажба на земјоделско земјиште се носи за олигарсите и странци со сомнителни пари да ја грабаат Македонија. Тврдат дека предложениот нацрт закон за распродажба на земјоделското земјиште не е за земјоделците да се стекнат со земја, туку втора приватизација.
