Заев за РСЕ: Преку глава ни е од поделби, нема перспектива ако се „крвиме“
Зоран Заев го очекува мандатот за формирање на нова влада од претседателот Иванов и ветува дека во првите 100 ќе преземе повеќе реформи во јавната сфера, враќање на правната држава, помагање на граѓаните за подобар стандард, но најверојатно најважно од се е да има мирен трансфер на власта и надминување на сегашната состојба на крајна поделба меѓу македонскиот народ.
- Секако дека мора да се случи политичко помирување, национално помирување, меѓуетничко помирување, партиско помирување. Преку глава ни е од делби и поделби, многу зла крв се пушти меѓу нашиот народ и не може да очекуваме перспектива и добра иднина за Македонија, ако тоа така остане. Јас сум православен христијанин, верник и најголемото простување во мојата вера, а верувам тоа е така и во муслиманската и во католичката и во сите - е да се прости на непријателот. Ние имаме политички непријател, други немаме. Тоа апсолутно значи дека секој ќе оди на Суд и ќе си понесе одговорност, но мораме меѓусебно да си ја испратиме пораката за простување ако сакаме да соработуваме. Јас сум свесен дека мојот мандат ќе биде успешен, водејќи ја новата влада на Македонија, ако не дозволам никој да има причини за нови блокади, за нови антагонизми. Искрено секогаш упатувам порака дека ќе ни треба соработка со опозицијата, ние може да си ги сакаме дома децата и семејствата, ама мораме да соработуваме заради реформите, заради животот и соживотот, заради граѓаните, заради нашата заедничка Македонија. Се надевам на реформи и во ВМРО-ДПМНЕ, заради тоа што целото ова злосторство кое е на повидок и го видоа граѓаните на Македонија е докажливо злосторство, сè што се случи, тоа е со умисла. Заради тоа што на новата власт и треба силна опозиција. Убедени сме дека новата власт само преку силна опозиција ќе биде одговорна, отчетна, транспарентна и целосно насочена кон интересот на граѓаните. Во такви околности помирувањето е неопходно, јас сум подготвен да пружам рака секому, да тераме заедно, сплотени, здружени, оти така ќе не почитуваат и соседите, така ќе не почитува и светот, посочува Заев во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
