Заев за пријавите против ДУИ: Процесуирани се од институциите
Премиерот Зоран Заев, денеска одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, изјави дека не ги повлекле пријавите што ги поднесувале до власта додека СДСМ била во опозиција, вклучувајќи ги тука и пријавите за функционери на ДУИ.
Тој на прашањето на пратеникот Сурија Рушити од Алијансата за Албанците, „до каде е процесуирањето на пријавите“, Заев вели дека сите се процесуирани, дел од пријавите се веќе и во судовите, а некои се отфрлени поради недостаток од докази.
„Тоа што го знам, го гледам од медиумите. Пријавите се процесуирани од институциите. Ние немаме повлечено ниту една. Некои од пријавите се и во судски постапки, а некои отфрлени бидејќи немало докази“- рече Заев.
Кривичните пријави се поднесени по објавените прислушкувани разговори. Во 2015 година во интервју Заев рече дека пријавите се за Бујар Османи и Муса Џафери. Тогаш, Заев тврдеше дека има сомненија за направен криминал од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
