ЗАЕВ ЗА НОВИОТ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО: Во опција се повеќе имиња
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека разговорите за изборот на новиот министер за здравство се во тек со коалициските партнери од владејачката коалиција.
Во опција се повеќе имиња. Реконструкција на Влада ќе има доколку биде избран кандидат кој не доаѓа од Алијансата за Албанците, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
„Почнавме разговори со коалиционите партнери, се надеваме дека до крајот на оваа седмица ќе можеме да донесеме одлука. Сите опции се отворени, во моментов ниту јас знам кое ќе биде името, од која политичка партија, кој ќе биде избран од кандидатите“- рече премиерот Заев.
Вели дека ако кадарот дојде од Алијансата за Албанците тогаш нема да има реконструкција на Владата.
„Ако дојде пак од друга политичка партија логично е дека Алијансата останува во владината коалиција и треба да има министерско место. Затоа се отворени сите овие можности за дебата. Пресудни ќе бидат имињата кои ни стојат на располагање и кој ќе ја преземе оваа одговорна функција“ - изјави Заев.
Тој информира дека добил име како предлог од Алијансата за Албанците за испразнетото министерско место, но има и други имиња кои сакаат да ги разгледаат со цел да се донесе најдоброто можно решение.
Министерското место се испразни откако Арбен Таравари стана градоначалник на Гостивар.
