Заев за Н1: Вучиќ зборуваше за македонското сценарио, непријатно е како нашите соседи така зборуваат
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за српската телевизија Н1 изјави дека е непријатно на кој начин Србија ги коментира настаните во Македонија, но рече дека тој ќе се обиде да има добри односи со претставниците од Белград.
„Вучиќ зборуваше за македонското сценарио, непријатно е како нашите соседи зборуваат за Македонија“ - изјави Заев, додавајќи дека Македонија имала демократски парламентарни избори.
Тој вели дека кризата во Македонија на „сите им е преку глава“, и дека локалните избори треба да се одржат на 15 октомври, најдоцна во ноември.
Заев додава дека кризата во Македонија не е етничка туку политичка, и дека иднината на земјата е во мултикултурализмот.
За тврдењата за „Голема Албанија“, Заев одговори дека многу малку луѓе зборуваат за оваа идеја и дека иднината на Западен Балкан се „отворените граници и мобилноста на граѓаните“.
На прашањето што мисли за тоа што знамето на Албанија е на масата на новиот претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, тој рече дека тоа не е во согласност со Уставот на Република Македонија, дека мисли дека ова знаме не треба да биде на масата на претседателот на Собранието.
„Верувам дека Џафери ќе го почитува Уставот и Деловникот за работа на Собранието на Македонија“- вели Заев.
Објасни дека тој се залага за единство на земјата, територијалниот интегритет и суверенитет и влада која ќе работи во интерес на граѓаните.
