Заев за Н1: И ние имавме три автобуси од Ниш на шопинг, патувањето останува слободно
Премиерот Зоран Заев изјави синоќа при гостување на српската телевизија Н1 дека верува оти Балканот повеќе не е темпирана бомба, туку европски Балкан на кој се градат мостови на пријателство, каде што се наоѓаат решенија преку дијалог и разговор. Додава дека смета дека не е добра идејата да се обединат Косово и Албанија, но дека заедничката иднина на сите земји во регионот е во ЕУ. Тој најавува дека ќе се најде решение за патување во текот на летото на српските граѓани кон и низ Македонија. Исто така нагласи дека истражните органи на нашата земја соработуваат со српските власти во истрагата за случајот „Јовањица“.
Запрашан дали Владата на Македонија размислува како ќе се влегува од Србија кон Македонија во текот на летото, со оглед на коронавирусот, Заев рече дека дури и кога сме имале најголем број заболени, границите на земјата биле отворени за Србија освен 20 дена кога се појави британскиот сој.
„Вчера имавме три автобуси во Сити Мол тука од Ниш. Дојдоа да купуваат кај нас со маски затоа што не можеа во Србија поради мерките“, рече премиерот.
На прашањето од телевизијата Н1 како Заев гледа на идејата што се повеќе се споменува за обединување на Албанија и Косово и можноста таа еден ден да се појави во случајот на Северна Македонија, тој рече дека може да документира дека иднината на обединување на Албанија и Косово не е иднината за која тие повикуваат, ниту граѓаните на Косово, ниту граѓаните на Албанија, ниту граѓаните на целиот регион, бидејќи, како што посочи, нашата иднина е во ЕУ.
„Европа без граници, Европа каде што луѓето работат, соработуваат и комуницираат едни со други и убеден сум дека овие идеи се идеи на поединци, дека тие се малцинство и нема да имаат своја иднина затоа што верувам дека подобрувањето на соработката во нашиот регион е дел од нас.
„Не е лесно да се најде решение, поминав низ неколку тешки процеси - законот за употреба на јазикот во Северна Македонија, поминав договор со Бугарија, Договорот од Преспа со Грција, се смени уставното име на земјата и не е лесно, ова е навистина тешко, така што Србија, Косово и другите земји имаат свои предизвици пред себе или БиХ, но дефинитивно, преку дијалог, преку дипломатија, преку пријателство, може да се најдат решенија и за овие прашања, “, вели Заев.
Премиерот изјави дека со Србија имаме одлични односи сег апо драмат во 2017 година и рече дека е врв на пријателството потегот Србија да донира вакцини за Македонија.
На прашањето за автокефалност на Македонската православна црква (МПЦ) и дали тоа може да влијае на односите со Србија, Заев потврди дека од Вселенскиот патријарх побарал независност на МПЦ.
„Верувам дека можеме да најдеме решение. Надежта ја гледаме преку дијалогот помеѓу СПЦ и МПЦ со цел признавање на автокефалноста на МПЦ. Српската православна црква преживува во Северна Македонија, многу граѓани одат во српските храмови. Подготвени сме да ја почитуваме верската ориентација на граѓаните, го почитуваме и секуларниот карактер на Србија и Северна Македонија… Политичарите се тука за да создадат услови за епископите да постигнат решение “, вели Заев.
Прашан за аферата Јовањица и колку е запознат со информациите што излегоа од истрагата дека најголемиот дел од производството е транспортиран во Македонија, тој рече дека знае од македонските полициски служби дека двете земји сериозно соработуваат за ова и им се достапни на српските власти.
