Заев за „Монструм“, „Сопот“, „Диво Насеље“ најави пресуди поткрепени со меѓународни експерти
Роковите на СЈО полека истекуваат, како новата влада ќе ја открие вистината за случаи кои постојат сериозни обвинувања имајќи ги предвид кумановските случувања, случајот „Монструм“, „Сопот“. Токму за ова беше прашан премиерот Заев во вчерашното интервју со повеќе новинари од националните телевизии.
Заев посочи дека истрагата која ќе се врши ќе биде поткрепена со меѓународни експерти.
„Ние ветивме независна истрага за неколку важни случаи за кои што Македонија дебатира. Тоа се новинарот Никола Младенов, Мартин Нешковски, Монструм, случајот Сопот, Кумановските настани и веројатно уште неколку други. Тоа значи дека независната истрага ќе биде поткрепена и со меѓународни експерти кои што ќе гарантираат исправност во правичноста на правно-формалниот аспект на целата постапка преку обезбедување докази кои што на еден транспарентен начин ќе ја обелоденат целокупната вистина.
Сум зборувал за дел од случаевите за кои што има доволно причини за истраги и сериозни сомневања . Ако сакаме да имаме демократска нормална земја и да бидеме воопшто земја не може да постои невистина, односно скриена вистина за нешто што е важно за граѓаните“, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Овие случаеви мора да завршат со пресуди во кои што граѓаните ќе веруваат не зошто сакаат, туку оти доказите тоа ќе го покажат, рече Заев.
Целото интервју гледајте го овде.
Вчера и од движењето БЕСА побараа итна постапка за „Монструм“ и „Сопот“ кои се на списокот на истрагите на СЈО.
Од Движење Беса го потсетуваат и премиерот Зоран Заев, да го одржи ветувањето за расветлување на овие случаи. Заев пред одредено време им вети на семејствата на жртвите во случајот „Монструм“ дека ќе ја објави вистината.
