Заев: Во консензус со опозицијата мора да го решиме прашањето за спорот со името
Консензуално, заедно со опозицијата, оваа власт која има храброст, мора да го реши горливото прашање на спорот со името кое го кочи патот на земјава кон ЕУ.
Ова е оптимистичниот став на премиерот Заев кој рече дека е убеден дека денес има, и тоа како има, поголеми перспективи за решавање на ова чувствително прашање, проблемот кој што Република Грција го има со нашето уставно име.
Како образложение на ова прашање, премиерот го поткрепи со пријателскиот однос.
„Во најмала рака нема провокации кои што беа декларирани од Грција дека се случувале од Република Македонија кон Грција. Нема. Градиме пријателски однос. Еве се случија двете посети на министрите за надворешни работи, на Атина и на Скопје. Навистина по двете средби пријателскиот однос е созададен. Тоа не е и решение. Но, еден чекор е направен понатаму. Верувам дека под медијаторство Метју Нимиц, во ноември, декември, јануари, фебруари, веќе ќе имаме и нови решенија за разгледување на овој проблем, а нашиот став останува непроменет“, изјави премиерот Заев.
Тој посочи и дека заедно со опозицијата ќе навлезат во решавање на ова прашање, каде што и заедно ќе излеземе на референдум кој што ќе биде конечен, како конечна одлука на граѓаните на Република Македонија.
„Јас би сакал уште вчера да беше решено ова прашање, би сакал и претходната влада да можеше да го реши. Меѓу другото, знаете дека многу често бев и предавник затоа што апелирав владата да посегне, со наша поддршка, како тогашна опозиција, во решавање на ова прашање. Се немаше сила и храброст. Јас верувам дека храброст има оваа влада, но секако во консензус со опозицијата, мора да навлеземе во решавање на овој горлив проблем“, истакна првиот човек на СДСМ и премиер на државата.
