Заев: Влегувам во една магла како политичар, можеме да се удавиме или да излеземе
Јас сум непоправлив оптимист, изјави вечерва македонскиот премиер на гостувањето на ТВ Телма за денешниот разговор со неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.
Тој додаде дека одлагањето на денешниот телефонски разговор беше главно причинет од правно формални аспекти и проверката на процедурите во ОН.
„Ако имаме договор, ќе се договориме како тоа да го објавиме. Веројатно тоа ќе оди паралелно. Јас би сакал тоа кај нас да оди заедно со сите политички чинители, да бидеме заедно, и власт и опозиција, и мали и големи партии. Убаво би било за вакви прашања да застанеме заедно. Очекувам позитивен исчекор и од опозицијата и од шефот на државата. И тие се за ЕУ и НАТО. Е сега кога сме на дофат на тоа, сметам дека и опозицијата ќе се приклучи во поддршката на тој договор“- рече Заев.
Доколку не се реши името, и земјава не добие датум за почеток на преговори, вели дека ќе се јави национализам, радикализам, фрустрации.
„Оваа шанса е историска шанса и треба сите да се вградат во неа“- вели Заев.
Тој верува дека граѓаните ќе го сфатат тоа. Заев рече дека го познава народот добро и дека сите опции се можни. Премиерот се надева дека сите ќе си го кажат својот став.
„Влегувам во една магла како личност, политичар, можеме да се удавиме политички или да излеземе во една зелена полјана“- рече Заев.
Тој е дециден дека Македонија ќе оди напред.
