Економија, финансии, бизнис

Контакт

Заев вети финансиска помош за општините

Заев вети финансиска помош за општините

Премиерот Заев во продолжението од изборната кампања како претседател на СДСМ давајќи поддршка за кандидатите за градоначалници на партијата во вториот круг вети дека владата ќе помогне финансиски за општините да се стабилизираат.

– Јас знам дека сите општини во Македонија должат 382 милиони евра, а мораме да имаме раст и развој во општините. Ќе направиме финансиска консолидација веднаш да вбризгаме пари на општините да се раздолжат и да им дадеме перспективи, рече Заев.

Тој нагласи дека државната власт има намера сериозно и суштински да соработува со локалната власт.

– Дванаесет години водев оштина и знам колку е важна секоја општина за секое семејство и секој човек. Само заедно централната и локалната влст можеме да ги решаваме проблемите кои се од локално ниво, но истовремено се од државен интерес за сите, нагласи Заев.

Посочи дека има огромни капацитети во Демир Капија кои можат и мораат да се стават во функција и општината да се развива.

– Демир Капија е срцето на Македонија и мора да работиме да ги вратиме младите, да развиваме еколошки и вински туризам, да градиме фабрики, да отвораме перспективи, рече Заев.

За развојот на комуналната инфраструктура вети директна поддршка од државните фондови за водоснабдителни системи и канализациски системи.

Најави перспективи, прогрес и живот. Рече дека водат позитивна кампања и по тоа се разликуваат од нивните претходници.

– Вртиме нова страница – подавајте рака на секој, помагајте си меѓу себе, проштевајте си еден на друг, зашто само така сите заедно ќе одиме напред, без триумфализам и реваншизам, а секој што згрешил ќе си одговара според законот, порача Заев.

Кандидатот за градоначалник Лазар Петров во своето обраќање се осврна на повеќе проекти со кои е сигурен дека ќе се оствари целта за развој на општината. Рече дека ќе бидат отворени за секоја идеја која детално ќе биде разгледана и доколку ги исполнува потребните критериуми и процедури ќе биде помогната за реализација од општината. Најави дека ќе организира и Денови на идеи во Демир Капија.


Слично

Поврзани вести