Заев вели дека исправуваат неправди, лустрацијата ќе биде ништовна
Лустрацијата ќе стане ништовна.
Владата денеска на седница го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда, со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни.
Станува збор за Предлог – закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.
„Со овој закон, се исправа една долгогодишната неправда направена кон лицата кои беа жртви на постапките пред Комисијата за верификација на факти и други надлежни органи, за кои јавноста беше запознаена и преку случаите на нарачаните лустрации, споменувани во објавените телефонски разговори. По сила на овој закон во целост стануваат ништовни сите правни акти, дејствија и мерки донесени односно преземени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи. Воедно, со овој закон во целост стануваат ништовни сите правни последици што ги произвеле правните акти, дејствија и мерки“, стои во соопштението од Министерството за правда.
„Оваа Влада продолжува да исправа неправди“, напиша на Фејсбук, премиерот Зоран Заев.Додава дека нарачаните процеси од таканаречената лустрација ќе останат само лоша меморија од времето на режимот.
