Заев: Успешен референдум е наша обврска за иднината
Очекувам граѓаните да излезат на референдум , да се исполни потребниот цензус и мнозинството да гласаат „за“, рече премиерот Зоран Заев на прес конференција денеска. Со сите министри во позадина, Заев зборуваше дека позитивниот исход од ова референдумско изјаснување значи светла иднина за македонскиот народ. Се надева дека ВМРО-ДПМНЕ нема да повикува на бојкот на референдумот и ги повика сите членови на опозициската партија да се приклучат и да гласаат „за“. Заев повтори дека Договорот со Грција го гарантира македонскиот идентитет.
„Секој од нас е должен да ја земе обврската за иднината на нашата земја. Не дозоволувајте некој да ви го одземе правото да излезете и да изберете. Јас се обврзувам дека ќе го почитувам исходот без оглед каков е. Јас верувам во одлуката на нашите граѓани, Македонија ќе ја биде, ќе стане членка на ЕУ и НАТО. Македонскиот народ вечно ќе говори на македонски јазик. Со вашиот глас на референдумот нема да дозволите некој да ја држи Македонија во заложништво. Опозицијата сака да не попречи, десет години можеа да дојдат до договор, наместо да си играат со стиропор споменици, тајно преговараа и неодговорно ставаа додавки и претставки на името. Со години бараа референдум и сега кога Собранието донесе одлука дека треба да се слушне гласот на народот избегаа. Ова е време за клучни одлуки, а не за бегство. Им се обраќам на сите чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ, вам врата ви е отоврена. Јас преземав ризик и направив чекор за иднината на Македонија. Напревете го вистинскиот чекор, сега е време за храбри и патриотски одлуки. Тргнуваме силно и никој не може да не сопре“ посочи премиерот Заев.
Вели дека е сигурен оти сите Македонци и сите други националности ќе гласаат позитивно и со гордост. На новинарско прашање што ако не биде исполнет цензусот Заев вели дека не сака да помислува на такво нешто.
фото Телма