Заев тврди дека Груевски во 2012 прифатил Горна Македонија
Во 2012 и во 2013 година, eкс премиерот Никола Груевски се согласил Македонија да го добие името „Горна Македонија“, но Грција одбила, затоа што била испровоцирана од антиквизацијата и од проектот „Скопје 2014“.
Ова вечерва во емисијата Само вистина на Канал 5 го соопшти премиерот Зоран Заев, повикувајќи се на прислушуваните разговори доставени до СЈО.
„Кога судот би ги објавил разговорите за името, ова не е прв пат да биде прифатено име со географска одредница, ерга омнес. Никола Груевски прифати Северна и Горна Македонија во 2012 и 2013 година, без да биде дефиниран идентитетот, односно без Грција да го прифати идентитетот и јазикот, тоа било оставено да лебди. Грција не го прифати ова решение зашто беше испровоцирана со Скопје 2014. Ова го има во разговорите и првпат го кажувам“- рече Заев.
Заев рече дека не му е важна неговата политичка кариера, и рејтинг, туку да се реши името и земјата да оди напред.
Но, додаде дека на референдум граѓаните ќе го кажат своето.
