Заев: Точката „плус еден“ од протоколот е вметнување на Бугарите во Уставот
Премиерот Зоран Заев рече дека шестата точка од протоколот „5+1“ кој го најави претседателот на Бугарија, Румен Радев, на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо е признавање на бугарската национална заедница во македонскиот устав пред земјата да стане членка.
- „Пет плус еден“ се смета за очекувањата на Бугарија да и Бугарите бидат споменати во нашиот Устав. Тоа не е проблем пред полноправното членство да го вградиме, рече Заев како одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека другите пет точки се веќе познати - дека немаме територијални претензии со името, немешањето во внатрешните работи на Бугарија, историската комисија најмалку пет пати да се состанува во годината, да се осудат актите на комунизмот на тогашното осудување на лицата кои имале самоидентификацијата со Бугарите и да се реагира кон говорот на омраза.
- Согласно овој договор тие се логични, тоа се 5 плус 1 точка за деблокада и закажување на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Каква сегашност сега градиме, таква иднина им оставаме на следните генерации, додаде премиерот.
