Заев со врвот на ДУИ го одбележа Денот на албанската азбука
Премиерот Зоран Заев имаше можност да се обрати на централната прослава за Денот на формирање на албанската азбука во Битола при што упати пораки за заедништво, меѓусебно почитување, негување на наследството на Македонија и градење заедничко граѓанско општество кое ќе биде еднакво за сите. Според него голема е честа да биде поканет на одблежување на 109 годишнината од Битолскиот конгрес кога група на албански интелектуалци ја стандардизираа албанската азбука.

„Писмото и говорот се во основата на националниот идентитет, а нивните специфичности и особености се вткаени како карактеристични нишки на културната посебност. Но, во исто време, секој говор и писмо, во себе ја кријат и потребата да не бидат изолирани и самодоволни, туку да воспоставуваат комуникација за разбирање, толеранција и соживот со другите. Прогласување на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо, е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници, вклучувајки ја и албанската, придонесува за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани“ рече Заев.

На вчерашната прослава во Битола беа присустни и високи функционери на албанските партии, меѓу кои и Али Ахмети. На официјалните владини фотографии од настанот не се забележуваат останатите коалициони партнери од владата, туку доминираат пред се членовите на ДУИ.
Албанските опозициски медиуми речиси и да не ја проследија оваа прослава организирана од страна на Владата, без оглед на важноста на самиот празник за Албанците во Македонија.
