Заев со поддршка за Марин - Недозволиво е најурбаната општина да е загадена
СДСМ својата изборна турнеја вчера ја фокусираше на општина Аеродром каде му даде поддршка на кандидатот за градоначалник Златко Марин. Лидерот Заев исто така држеше говор во кој ги претстави идеите како и идните проекти кои се планирани за општина Аеродром.
Гасификација на Аеродром и Скопје, поддршка во спортот, намалување на загадувањето, чист воздух, подобрување на сообраќајот преку изградба на нови сообраќајници, нов водовод, колекторски систем..., ветија вечерва пред аеродромци лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и кандидатите градоначалниците на Скопје и на Аеродром Петре Шилегов и Златко Марин.
- Барам поддршка од вас да го продолжиме она што заедно го започнавме. Крикот за победа го испрати Аеродором на 11 декември 2016 година - рече Заев и потсети дека времето на закани заврши и дека сега граѓаните ќе гласаат слободно без опструкции, без уцени и притисоци.
Заев пред аеродромци вети поддршка за малите бизниси затоа што, како што рече, токму малите бизниси носат егзистенција за младите луѓе и тоа е решение за проблемите со невработеноста.
Дека има кредибилитет за ова што го зборува, претседателот на СДСМ рече дека доказ му е сработеното во изминатите три месеци иако, според него, затекнале урнисана и разнебитена држава, како и буџет во кој нема пари за пензии, за плати, за социјална и здравствена заштита.
- Веднаш за три и пол месеци го стабилизиравме буџетот и тој повеќе не е загрозен. Ја вративме дневната евтина тарифа, осум милиони евра пари пуштивме како заштеди назад кон сите граѓани во Република Македонија. За три и пол месеци ги донесовме законот за минималната плата која изнесува 12.000 денари. Со овој закон ги отвораме спиралите на покачување на платите - рече Заев.
Според него, недозволиво општина Аеродром која е една од поголемите урбани јадра на главниот град да има проблеми со водата, канализацијата, со загаден воздух. Тој на аеродромци им вети дека од 1 јануари кога согласно новиот закон за спорт што ќе биде донесен ќе воведе ваучерии за помагање на спортските клубови, како на професионалните така и на кадетските и школските лиги.
- Секоја година Министерството за финансии во јануари ќе ги подели ваучерите на репрезентациите, клубовите и лигите кои ќе бидат на општинско ниво во вкупна вредност поголема од 20 милиони евра. Ваучерот ќе го добие секој клуб преку спортските работници, а фирмите во Македонија ќе имаат опција за 35 проценти од својата добивка да изберат да откупат ваучер, и тоа се повеќе од 40 милиони евра вкупно ослободени данок на добивка на фирмите во Македонија - истакна Заев.
