Заев: Со Ципрас избравме да оставиме решенија како траги зад нас
Македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас во рамки на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон, од страна на британската премиерка Тереза Меј биле поканети заедно со неа на посебна фото-сесија како придонес во сесијата „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“.
На оваа сесија посебно место добил постигнатиот договор за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиското партнерство меѓу двете земји, кој беше потпишан на 17 јуни во Преспа, велат од владината прес - служба.
Заев на поканата да зборува на оваа сесија за надворешните политики, билатералните прашања и наследството од минатото на земјите од Западен Балкан, истакнал дека договорот меѓу двете земји, всушност, е најдобриот придонес за нови модели на однесување и за воспоставување нови пријателства и односи меѓу државите и политичарите.
„Што е ако не е пријателство кога се грижите со истата посветеност за интересите на вашиот политички партнер како и за своите? Што е ако не е пријателство кога ви станува најважно да создадете атмосфера во која најотворено ќе се разговара за прашања за кои преовладувал став дека нема решение? Кога ви е најважно таквата пријателска атмосфера да ја негувате како еднакво важна како и решението кон кое стремите. Низ целиот процес инсистиравме дека ние не зборуваме за црвени линии. Си рековме едни со други дека црвените линии се ограничувачки. Се согласивме дека, доколку ги има, ќе нè ограничуваат, ќе бидат закана за храброста. Црвените линии ве ставаат во кутија. Ние рековме – нема да го ставиме процесот во кутијата на црвените линии. Така прават пријателите, насочени кон решение, кон компромис“- рекол Заев.
Тој додал дека со овој договор е ставен крај на повеќегодишните разлики кои, како што рекол, издигнале ѕид кој ги отежнувал пријателските односи меѓу соседите и создавал неизвесност за нашата иднина.
Премиерот потенцирал дека тој, премиерот Ципрас, министрите за надворешни работи Никос Коѕијас и Никола Димитров, членовите на владите, заедно со соработниците и со поддршката на Обединетите нации, на Европската Унија и со поддршката и на заедничките стратешки пријатели, тргнале во одлучни чекори за решение на ова прашање, кое, нагласил, ќе биде достоинствено и прифатливо за двете страни.
„Со премиерот Ципрас избравме да оставиме решенија како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества, а не за нас и за нашите политички партии. Такви се лидерите на Европа. Што ќе беше Европа денеска ако не беа лидерите кои на политичката сцена излегуваа траги за паметење, траги заради кои ние денеска ги уживаме плодовите на нивното визионерство? Што ќе беше Европа денес ако на политичката сцена излегуваа самобендисани и самодоволни, кусогледи политичари, без визија?“- нагласил Заев.
На сесијата „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, на која се обратил премиерот Заев, лидерите на ЕУ и на Западен Балкан биле едногласни дека храброста на премиерите Заев и Ципрас е модел за решавање и на најсложени билатерални прашања и дека тие и понатаму ќе имаат голема поддршка во имплементацијата на договорот од Преспа.
