Заев: Сега се најголеми шансите овој долгогодишен спор со Грција конечно да биде затворен
Премиерот Зоран Заев денес присуствуваше на состанок на лидерите од Западен Балкан со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Тој за спорот за името со Грција изјави дека очекува наскоро да биде решен, сметајќи дека тоа би било добро и за Скопје и за Атина и за ЕУ.
Заев смета дека сега се најголеми шансите овој долгогодишен проблем конечно да биде затворен, што и би го отворило патот на Македонија кон ЕУ. Сепак, истакна дека тој проблем трае повеќе од 25 години и ако бил лесен за решавање, некој досега би го решил.
„Убеден сум дека проблемот може да биде решен за доброто на Грција, на Македонија, и на ЕУ. Целта ни е до јуни да добиеме датум за преговори со ЕУ. Тоа не значи дека не можеме да го решиме и во март. Колку побрзо толку подобро“, оцени Заев
На новинарско прашање за протестите во Скопје против преговорите за името со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, Заев рече дека „Македонија е демократска земја, секој има право да протестира, но Владата мора да се грижи за добрите перспективи на сите граѓани“.
Во врска со европерспективата на Македонија и другите земји од регионот, македонскиот премиер рече дека земјите членки на ЕУ не треба да се плашат од Балканот, напротив можат да имаат корист од проширувањето на Унијата.
„Државите од Балканот имаат европски вредности и можат да бидат добар партнер на земјите членки на ЕУ“, рече Заев и изрази задоволство од засилениот ангажман на Брисел во регионот и од средствата што ги издвојува за земјите од Западен Балкан.
