Заев се огласи по осум дена од оставката: Нема да дозволиме Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја упропастат државата
Премиерот во оставка Зоран Заев по осум дена откако најави дека повеќе нема да извршува државни и партиски функции, се огласи и порача дека граѓаните нема да дозволат државата да ја водат, како што вели тој, Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев и Никола Груевски.
Заев сепак не вели експлицитно дека се предомислил и дека ќе остане премиер, но веќе медиумски натписи велат дека останува премиер.
„За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда.
Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите.
Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново.
Нашата кауза е и граѓанска и државничка.
Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници.
Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности“, објави Заев.
Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска објави дека е поднесена иницијатива за изгласување на недоверба на Владата и дека очекува в четврток да има 61 глас.
