Заев се обиде да го врати духот кај членството: Ќе има чистка!
Премиерот Зоран Заев еден ден по минималната победа на Стево Пендаровски над Гордана Силјановска Давкова во првиот круг од претседателските избори, што според јавноста беше оценета како пирова, се обиде да го врати духот кај симпатизерите на синоќешната трибина во Карпош. Според Заев, СДСМ има поголем „резервоар на гласови“ од ВМРО-ДПМНЕ за вториот круг на 6 мај.
- Близината на гласовите вика дека се враќа режим, се враќа Груевски, а тоа никој не го сака. Да ги вратиме насмевките на лицата и да засукаме ракави во наредните две недели. Не се работи за СДСМ, за коалициони партнери, туку за татковината, се обрати Заев.
Тој им укажа на симпатизерите дека и ВМРО-ДПМНЕ од локалните избори на крајот на 2017 па до сега паѓа во бројот на гласачи.
- Не нуди алтернатива освен само квази-националистичка реторика. Едвај чекаат да се вратат и да ја доразграбаат државата, истакна претседателот на СДСМ.
Вели дека разликата помеѓу претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова била точно „темпирана и дозирана“ бидејќи ако била поголема ВМРО-ДПМНЕ ќе се одлучело да бојкотира.
- Ние ја примивме пораката дека има незадоволство од централната и окалната власт. Најавувам дека секако ќе има чистка и секако ќе расчистиме. После изборите ќе се случат промените. Ќе дојдат нови и поучени од грешките на претходниците - рече Заев.
На тие што апстинирале и не излегле да гласаат им порача дека повеќе ја казнуваат државата отколку власта. Им порача дека пораката е разбрана и ги повика да излезат во вториот круг.
Заев рече дека неговата Влада правела грешки но не од таков степен како „во режимот на Груевски“.
Вети дека ќе има и промени во правосудството.
- На 5 мај ќе го верифицираме правецот кој го фативме и веќе враќање назад нема - порача Заев.
Додаде дека се потребни што е можно повеќе гласови од оние на Блерим Река.
- Крваревме, душата на асфалтот ја оставивме и сега нема да се откажеме. Затоа засукајте ракавите и да се види кој е кој и да се види кој повеќе си ја сака државата - говореше Заев пред присутните.
