Заев се извини за „мало сутра“
Ако некој сум повредил се извинувам. Сакав да бидам непосреден. Сакав да испратам порака дека нема лесно да предаде власта и по 11 години уништување, пак да дојдат и да ја уништуваат државата. Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање зошто направил непристојна гестикулација со раката проследена со зборовите „мало сутра“ на трибина во Прилеп кога зборуваше за предавањето на власта на опозицијата.
„Извинете, носевме храбри одлуки, не ни е лесно ни на нас. Ќе се бориме до крај. Должност ни е да ја осигураме иднината. Но јас сум едноставен човек и со едноставни зборови и гестикулации се изразувам. Не сакав да навредам, а ако некој е повреден се извинувам, но сакав на пластичен начин да кажам дека ќе има борба за државата, рече Заев.
На трибината со таа гестикулација лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев покажа дека неговиот политички противник лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема да дојде на власт.
Заев на лидерот на ВМРО ДПМНЕ му порача дека се лаже ако мисли дека ќе дојде на власт по завршувањето на предвремените парламентрани избори наредната година.
