Заев разочаран од Бугарија: Moјот народ не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век
Македонските граѓани не можат да ги оправдаат блокадите, а довербата од нив ми е дадена за да барам решенија, изјави премиерот Зоран Заев на завршницата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан.
Тој е разочаран што блокадата доаѓа од Бугарија, и убеден е дека истото го мислат и македонските граѓани.
„Денеска на Самитот за Западен Балкан тука во Брдо, Словенија, имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговори за членство во Европската Унија. Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни - за решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото. Но, за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век. До сега, не постои земја членка на ЕУ која има какви било забелешки за нашите реформи. Нашиот напредок во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа, посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година“, вели Заев.
Тој се заблагодари на повеќе земји кои вложуваат напори за овој дел од Балканот и неговиот пат кон ЕУ.
Неотворањето преговори со Македонија и Албанија ја загрозува поддршката на ЕУ во регионот, вели претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен.
„Регионот на Западен Балкан има стратешко значење за ЕУ, сакаме да ја реафирмираме европската перспектива за регионот и сакаме да работиме на прогрес во процесот на проширување“, изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Албанскиот премиер Еди Рама пак кажа дека веќе ништо не очекува од ЕУ.
