Заев: Разликата денес во живеењето е многу голема
Премиерот Зоран Заев денеска по средбата со директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, рече дека денеска е многу поголема разликата во живеењето во Македонија во однос на порано.
„Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку по независно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте“.
На состанокот се презентираше актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар и со министрите Никола Димитров, Рената Дескоска, Дамјан Манчевски и Бујар ОСмани.
Претседателот на Владата на РМ, Заев потоа информираше дека веќе девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.
