Заев: Разговорите со Бугарија продолжуваат по празниците, но не очекувам напредок пред изборите кај нив
Премиерот Зоран Заев вели дека во моментов нема разговори со Бугарија, поради празниците, но тие ќе продолжат, како што вели, со пријателство, и преку Акциониот план.
Заев реално, не очекува да има позитивно решение за земјава пред изборите во Бугарија.
Но нема да се отстапи од македонскиот идентитет и јазик, вели, македонскиот народ е исто величенствен како и бугарскиот или францускиот и италијанскиот.
„Во моментов нема разговори затоа што таму е коледе, па Нова Година, па доаѓа кај нас Божик, празници, а после празниците ние ќе одржиме координација, со МНР и тимот од мојот кабинет, заедно со специјлниот претставник Владо Бучковски, за да продолжиме во делот на Акциониот план кој е изработен на наш предлог под раководство од министерот Бујар Османи, со кој се покриваат сите области, односно инфраструктура, образование, музика, култура... Очекуваме ако имаат идеи да ги надополнат, пред Божик кај нас, иако се пред избори. Натаму ќе продолжат и политичките контакти под раководството на двајцата министри за надворешни. Реално очекувам напредок после изборите кај нив, бидејќи нерационално е да се очекува пред изборите да се донесе некое решение кое би го ослободило нашиот пат кон Европската унија“, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Продолжуваме со пријателство и објаснување на сето она што претставува резерва, или незадоволство на бугарската страна, често викаат незадоволство од динамиката на Договорот за пријателство.
„Сме сакале и ние пругата да ја направиме побрзо, но тоа не е едноставно, има кредити, грантови... Но искрено се надевам дека и Бугарија ќе почне нешто да гради од таа страна, како што е преминот Клепало. Има и после бугарската граница железница која треба да се изгради. Заедничка е обврската за инфраструктура“, нагласи премиерот.
Но, како што тврди, македонскиот народ, идентитет и јазик се апсолутно величина исто како што е бугарскиот народ, францускиот, италијанскиот.
„Тоа е европска вредност и за тоа не се разговара“, дециден е премиерот.
