Заев: Прокиснува ВМРО-ДПМНЕ, а најпрокиснат е Груевски
Претседателот на СДСМ Зоран Заев од митингот за локалните избори во Виница упати порака до младите да останат во своите родни места и во државата, бидејќи се отвораат нови можности за сите.
„Сакам да ви порачам дека треба да се борите овде во државата. Отворивме нови механизми. Имате можност кога ќе завршите образование да искористите од вашата земја, од Република Македонија. Нови мерки кои што веќе ви стојат на располагање. Првата мерка е: имате бруто плата најмалку за една година, значи нето плата и придонеси. За да работите во било која фирма без да ве плаќа газдата. Ќе ве плаќаме од буџетот на вашата земја, од Република Македонија. Искористете грант од 10 илјади евра, отворете свој сопствен бизнис, неповратни пари. Правете, што ќе правите, но останете овде во Виница, во Македонија“ им порача вечерва на младите виничани, претседателот Заев.
На почетокот на обраќањето Заев се пошегува за временските услови и општинската сала во Виница на која и треба реконструкција.
„Ама добро е што престана да врне, оти викаат кога врне во Виница, општинската свечена сала прокиснува. Тоа кажува се. Но ако ви е за утеха, прокиснува и ВМРО – ДПМНЕ. А најпрокиснат е Никола Груевски“ истакна претседателот Заев.
