Заев: Принципот на одвојување на државата од партијата е даден збор и заложба
Премиерот, Зоран Заев на денешната конференција „Одвојување на државата од политичките партии“ во организација на граѓанската асоцијација МОСТ, изјави дека принципот на одвојување на државата од партијата е даден збор и заложба, како и определба и стратешка цел на новата Влада.
Заев изјави дека во изминатите 100 дена од формирањето на Владата немало, а и во следниот период ќе нема притисоци, уцени и закани за изборни цели, ниту пак злоупотреби на државни пари за изборни цели.
„Одвојувањето на државата од политичките партии е даден збор, заложба и определбата на новата Влада, која донесе серија заштитни мерки преку Планот 3-6-9, особено во пресрет на локалните избори“- изјави Заев.
Дарко Алексов од МОСТ, пак, истакна дека потребна е и силна политичка волја од сите политички партии за да се гарантира независноста на јавната администрација, како и зголемена свесност и придонес од сите општествени чинители за справување со ова прашање.
